Ребалансот на државната каса стигна до Влада

Објавено:

Владините министри денеска треба да го разгледаат и да дискутираат за ребалансираниот буџет кој е на агенда на седница на влада.

Засега е познато дека ќе има нагорна корекција на буџетскиот дефицит поради зголемените потреби за финансирање на капитални инвестиции. Корекции се очекувани и кај приходната страна во делот на акцизата, пред се поради мерките за намалување на ДДВ-то и акцизите кои беа преземени во изминатиот период.

„Имаме зголемени капитални расходи во делот на Министерството за животна средина, имаме околу одредени ИПА проекти, имаме зголемување за АА програмата“, навести вчера министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.

Министерката додаде дека акцизата треба да се корегира за околу 1,5 милијарди денари, но додаде дека е тешко да се направат прецизни проекции.

Подготовката на ребалансот се правеше во консултација со сите министерства, при што се правеле анализи каде има простор за заштеди, каде се останува во рамките на лимитите и каде има потреба од дополнителни средства за реализација на проекти и политики. 

Владата уверува дека нивниот фокус останува заштитата на животниот стандард на граѓаните и дека тој нема да значи дека ќе има кратење на расходната страна, туку само прилагодување на капиталните проекти. 

„Околу 14 милијарди денари се веќе инвестирани како капитални инвестиции од централниот Буџет така што очекувам капиталните инвестиции до крајот на годината да продолжат се реализираат бидејќи ја знам каква е динамиката, а од друга страна да има доволно за плати, за пензии, за социјални трансфери. Обврските кои што ги имаме оваа година со камати треба да ги вратиме, околу три милијарди евра, некои стари задолжувања. Генерално, состојбата се разбира дека е тешка, но сега ние нема да очајуваме, нема да се жалиме. Тоа е што е. Ние сме Влада и мораме да ја водиме државата онака како што граѓаните очекуваат од нас“, изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски. 

Министерството за финансии, на крајот на април ја објави состојбата на јавниот долг за првиот квартал од 2026 година. Тој изнесува 10,747 милијарди евра или 59,7 проценти од БДП и бележи намалување за 1,5 п.п во споредба со состојбата на 30 јуни 2024.

Кога станува збор за задолжувањата, актуелната Влада повторува дека има голем предизвик со сервисирање стари обврски, кои се реализирани во минатото, а достасуваат во овие четири години. Минатата година била реализирана отплата на еврообврзницата од 500 милиони евра, оваа година за отплата е еврообврницата од 700 милиони евра. Половина од оваа еврообврзница веќе е сервисирана, а половина треба да се сервисира во текот на јуни 2026 година.

Премиерот негираше дека ликвидноста на државата е доведена во прашања посочувајќи дека треба да се остават настрана коментарите на опозицијата. 

СДСМ: Во буџетот нема пари, дефицитот ќе расте

И додека Владата оценува дека ребалансот претставува „одговорно и флексибилно управување со јавните финансии“ во услови на економски предизвици, став на опозицијата е дека ребалансот не е развоен, туку претежно потрошувачки и не носи нова економска вредност.

Од Социјалдемократскиот сојуз велат дека наспроти тврдењата на власта за рекорди и успеси, буџетскиот дефицит расте, државата се задолжува се повеќе, а реформската агенда касни.

„Целиот планиран годишен буџетски дефицит е потрошен уште во првите шест месеци од годината. Со најавениот ребаланс, Владата планира дополнително да го зголеми дефицитот, и покрај претходните ветувања дека ќе го намалува. Ова не е изненадување. Тоа е директна потврда на она што СДСМ го предупредуваше уште од почетокот на мандатот на оваа Влада“, велат од СДСМ.

Додаваат дека јавниот долг за две години е зголемен за над 2,5 милијарди евра и се зголемува на 11 милијарди евра.

Инаку Собранието на 22 јули го усвои ребалансот на Буџетот за 2025 година со 65 гласа „за“ и 14 „против“. Со ребалансот, вкупните приходи беа проектирани на 362,4 милијарди денари, а расходите на 403,7 милијарди денари, при непроменет буџетски дефицит од 4 проценти од БДП.

Речиси и да нема година во која нема ребаланс на државната каса.Најчеста причина за тоа е буџетскиот дефицит. Стручната фела сугерира дека е проблематично тоа што трет пат властите го одложуваат правилото за буџети, дефицитот да не надминува 3% од БДП. Според експертите, секое одложување значи повеќе камати и поголема изложеност на ризик при нови фискални шокови.

Буџетската политика во континуитет е една од главните точки на судир меѓу власта и опозицијата. Речиси секој ребаланс на Буџетот е проследен со спротивставени оценки – власта тврди дека измените се неопходни за поддршка на економијата, реализација на капитални инвестиции и исполнување на обврските кон граѓаните, додека опозицијата најчесто обвинува за прекумерна потрошувачка, недоволна реализација на инвестициите и зголемено задолжување.