САД и Данска постигнаа договор за Гренланд, објави Трамп

Објавено:

Соединетите Американски Држави (САД), Данска и Гренланд склучија договор за САД да развијат значајно воено присуство на Гренланд, а воедно да им забранат на американските противници да градат свои бази на островот, објави американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе „Ројтерс“.

Во објава на социјалната мрежа „Трут сошиал“, Трамп напиша дека ниту еден американски непријател нема да може да прави чувствителни инвестиции на островот без одобрение од САД и дека договорот нема рок на траење.

„По мои упатства, соработувавме со претставници на Данска и на Гренланд за да гарантираме дека Соединетите Американски Држави засекогаш ќе имаат целосна способност да го прават она што е потребно во Гренланд со цел да ја обезбедат и одбранат безбедноста на Гренланд и на САД“, напиша Трамп.

Вчера (18 септември) Ројтерс објави дека САД и Данска се приближуваат кон договор што би резултирал со зголемено американско воено присуство во Гренланд, автономна територија на Данска, но би застанал далеку од долгогодишниот сон на Трамп да го стекне островот за САД.

САД веќе имаат речиси целосни права за прелет и бази во Гренланд поради договорот од 1951 година.

Канцеларијата на данскиот премиер во петокот соопшти дека договорот ќе ја зајакне безбедноста на Северноатлантскиот и Арктичкиот регион.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека договорот ги признава интересите на Гренланд и местото на арктичкиот остров во меѓународната соработка. „Ова ни користи на сите“, рече тој.

Останува нејасно дали ќе бидат изградени нови американски бази како резултат на договорот.

Исто така, нејасно е како ќе биде прифатен договорот во Гренланд, автономна територија на Данска. Жителите на островот се стремат кон независност и се спротивставија на обидите на САД да воспостават контрола.

Во посебна изјава, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека договорот „трајно и целосно“ ги решава загриженостите на Вашингтон за национална безбедност во однос на островот.

„Гренланд засекогаш ќе биде дел од стратешката одбранбена област на Северна Америка и ќе го исклучи секој противник од него и околното подрачје“, напиша тој.

Претставник на Стејт департментот, кој побара анонимност за да разговара за конкретните услови, рече дека договорот им забранува на земјите кои не се членки на НАТО да градат база во Гренланд и ќе им дозволи само на САД и нивните сојузници да прават неодредени „чувствителни инвестиции“. Претставникот рече дека договорот им дава на САД права за постојан пристап и прелети, и ќе продолжи да важи дури и ако Гренланд стане независен, објави Ројтерс.

Уште во неговиот прв мандат во 2019 година, а особено во актуелниот втор мандат, Трамп бараше од Данска да му го продаде Гренланд, нарекувајќи го тоа „голема зделка со недвижности“. Данска и локалната влада на Гренланд категорично одбиваа, изјавувајќи дека островот не е за продажба.

Бидејќи Данска одбиваше, Трамп јавно упати закани дека САД би можеле воено да го заземат островот. Тој се закани дека ќе ги повлече сите американски војници од Европа и од НАТО доколку европските сојузници се противат на неговиот план. Кризата ескалираше до тој степен што Данска (иако сојузник на САД во НАТО) за првпат во поновата историја испрати војници на Гренланд и најави дека нејзината војска ќе возврати доколку САД извршат инвазија.

Вашингтон стравуваше дека Гренланд е ранлив и дека Русија и Кина би можеле да направат „чувствителни инвестиции“ или да воспостават воено присуство таму. Трамп исто така сакаше Гренланд да биде дел од неговиот ракетен штит наречен „Златна купола“.

Островот е исклучително богат со ретки земјени минерали кои се клучни за модерната технологија (паметни телефони, електрични возила), што дополнително го привлече интересот на САД.

Последни објави