Што се договорија САД, Израел и Иран за двонеделното примирје?

Објавено:

Иран, САД и Израел постигнаа привремен, двонеделен прекин на огнот на 7 април, откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од своите закани за уништување на иранската „цивилизација“. Станува збор за војна која го опустоши Блискиот Исток и го наруши глобалниот нафтен пазар.

Но, се појавија прашања во врска со она што се чинеше дека се спротивставени предлози за запирање на борбите, при што Иран инсистираше дека ќе ги контролира и ќе ги напаѓа бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец, како и дека ќе збогатува ураниум, пишува новиниската агенција Асошиетед прес (АП).

Трамп првично рече дека Иран предложил „функционален“ план од 10 точки што би можел да помогне во завршувањето на војната што ја започна со Израел на 28 февруари. Но, подоцна тој го нарече планот лажен без да образложи повеќе. Трамп рече дека целосното завршување на нуклеарната програма на Иран била клучна точка на војната.

Иранската новинската агенција Тасним, која е блиска до Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), објави дека е „воспоставено“ примирје меѓу двете страни „со специфични услови“.

„Тие побараа да ја одложам деструктивната сила што ќе биде испратена вечерва во Иран и, под услов Исламската Република Иран да се согласи на ЦЕЛОСНО, НЕПОСРЕДНО и БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормускиот теснец, се согласувам да го суспендирам бомбардирањето и нападот врз Иран за период од две недели“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Truth social“.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во објава на социјалната платформа X објави дека доколку прекинат нападите врз Иран вооружените сили на Иран „ќе ги прекинат“ своите одмазднички напади насочени кон цели низ целиот Блискиот Исток.

„Во период од две недели, безбедното поминување низ Ормускиот теснец ќе биде можно преку координација со вооружените сили на Иран и со разгледување на техничките ограничувања.“

Објавата на Трамп следеше по неговите предупредувања дека САД ќе ги таргетираат електраните и мостовите на Иран.

Израел се согласи на прекин на огнот врз Иран, но не и врз Хезболах во Либан

Израел го поддржа примирјето на САД со Иран, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека тоа не ги опфаќа борбите против Хезболах во Либан, кои продолжија во текот на утрото.

Тоа е спротивно на коментарите од Пакистан, клучен посредник кој рече дека разговорите за зацврстување на мировен план ќе започнат уште во петок во Исламабад.

Пакистан, исто така, соопшти дека прекинот на огнот започнал веднаш, додека Иран започнал напади врз арапските земји од Заливот и Израел набргу потоа.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика сите страни „да се придржуваат до условите на прекинот на огнот со цел да се отвори патот кон траен и сеопфатен мир во регионот“, изјави неговиот портпарол.

Иран и Оман ќе наплаќаат такса за премин низ теснецот

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека преминот низ теснецот ќе биде дозволен под иранска воена управа. Не е јасно дали тоа значи дека Иран целосно ќе го олабави својот застој врз водниот пат.

Според диплиматскиот извор на АП, регионален функционер кој зборува анонимно, затоа што е дел од преговорите, планот им дозволува и на Иран и на Оман да наплаќаат такса за бродовите што транзитираат низ теснецот. Тој посочил дека функционерот рекол дека Иран ќе ги искористи парите што ги собрал за реконструкција.

Иран и Оман соопштија дека ќе го надгледуваат преминувањето низ Ормускиот теснец, а Трамп рече дека американските сили „само ќе се шетаат“ за да се осигурат дека сè ќе оди добро“.