Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Држави се согласиле на двонеделно примирје посредувано од Пакистан, со што се повлекуваат од работ на ескалација за да им се даде време на двете страни да преговараат за мировен договор.
Трамп, кој претходно на 7 април напиша дека „цела цивилизација ќе умре вечерва“ ако Иран не постигне договор, во објава на социјалните мрежи рече дека добил предлог од 10 точки од Техеран и дека верува оти „тоа е остварлива основа за преговори“.
„…во кој тие побараа да ја одложам деструктивната сила што вечерва беше насочена кон Иран, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на ЦЕЛОСНО, НЕПОСРЕДНО и БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормутскиот теснец, се согласувам да го суспендирам бомбардирањето и нападите врз Иран во период од две недели“, напиша Трамп.
Нема непосредна реакција од Иран на изјавата на Трамп. Исто така, не e јасно дали Израел се согласил со планот.
Објавата на Трамп следуваше по неговите предупредувања дека САД ќе ги таргетираат електраните и мостовите во Иран, изјави што иранските власти ги оценија како закани што претставуваат „воени злосторства“, иако дел од меѓународните правни експерти го оспоруваат таквото тврдење.
Ова доаѓа само неколку часа откако американски и израелски воздушни напади погодија повеќе локации низ Иран, вклучително и инфраструктура. Станува збор за напади на иранскиот нафтен центар на островот Харг, кој бил мета на американските напади, додека израелски воени авиони нападнаа мостови и железници во Иран.
Иранскиот претседател во вторникот изјави дека 14 милиони Иранци, вклучувајќи го и него, доброволно се пријавиле да ги жртвуваат своите животи во војната. Бројката е двојно поголема од другите бројки што ги споменаа државните медиуми во минатото. Иран е дом на 90 милиони луѓе.
На само неколку часа пред истек на рокот кој го даде американскиот претседател Трамп со заканата дека ќе „загине цела нација“ ако иранските власти не попуштат околу теснецот, пристигна барање до Белата Куќа од пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф. Тој побара од американскиот претседател, Доналд Трамп, за две недели да го продолжи рокот што му го постави на Иран за отворање на Ормутскиот теснец.
„Дипломатските напори за мирно решавање на тековната војна на Блискиот Исток напредуваат стабилно, силно и моќно, со потенцијал да доведат до суштински резултати во блиска иднина“, рече Шариф во објава на социјалната платформа X.
Заканата од американскиот претседател кон Иран предизвика широка осуда, вклучително и од шефот на Обединетите нации и папата Лав.
Папата Лав XIV посочи дека заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за уништување на „цела цивилизација“ е „неприфатлива“, додека други меѓународни личности и западни претставници ги предупредија сите страни во војната во Иран против напади врз цивилната инфраструктура.
„Оваа закана против целиот народ на Иран и ова е навистина неприфатливо“, им рече Лав на новинарите на 7 април.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, беше „длабоко вознемирен“ од изјавата на Трамп, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
„Не постои воена цел што го оправдува целосното уништување на инфраструктурата на едно општество или намерното нанесување страдање на цивилното население“, изјави Дужарик на редовниот брифинг со новинарите.
Канадскиот премиер Марк Карни, исто така, ги повика двете завојувани страни да го почитуваат меѓународното право и ги предупреди да не ги таргетираат цивилите и цивилната инфраструктура.
Неколку американски пратеници, исто така, го критикуваа постот на Трамп и предупредија да не се таргетира цивилната инфраструктура.


