Српски бизнисмен – нов купувач во финиш на продажбата на Нафтената индустрија на Србија

Објавено:

Две милијарди евра, наводно обезбедени од бизнисмен од Србија, повторно го поставија прашањето – кој ќе биде новиот сопственик на Нафтената индустрија на Србија (НИС).

Во краток телефонски разговор за Радио Слободна Европа (РСЕ), Ранко Мимовиќ потврди дека дал понуда за мнозински удел во НИС, кој го држат руски сопственици, јави балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Поради мнозинската руска сопственост, НИС е под санкции од Соединетите Американски Држави (САД), што го отежна работењето на единствениот производител на нафта и нафтени производи во Србија во последните месеци.

За да ги укине санкциите, Вашингтон бара руските енергетски компании да го напуштат НИС, со рок до 22 мај.

И додека Москва за продажбата преговара со унгарскиот МОЛ, во јавноста се појави „втор играч“.

Новинската агенција Ројтерс објави на 6 мај дека бизнисменот Ранко Мимовиќ, со компанија која сè уште е непозната за јавноста, им понудил на руските сопственици две милијарди евра за мнозински удел во НИС.

Рускиот енергетски гигант „Газпром Нефт“, од друга страна, објави дека во моментов преговара само за продажба со унгарската нафтена компанија МОЛ.

За српскиот претседател Александар Вучиќ, понудата од српскиот бизнисмен е „несериозна“.

Компанијата на Ранко Мимовиќ „Сенатор Два“, која наводно ја испратила понудата до Газпром Нефт, е основана во Србија кон средината на минатата година, и нема многу јавно достапни информации за нејзиното работење.

Мимовиќ претходно беше претставен во јавноста како бизнисмен со голем број компании во Србија и регионот, од кои многу се затворени.

Неговите операции во Словенија се придружени со сомневања за измама и перење пари.

Мимовиќ не одговори на прашањата на РСЕ/РЛ испратени до него по е-пошта во врска со понудата и потеклото на капиталот со кој потенцијално би го купил рускиот удел во НИС до моментот на објавување на статијата.

Адвокатската канцеларија што го застапува изјави во писмен одговор до РСЕ/РЛ дека „во оваа фаза, може само да ги потврди сите наводи изнесени од Ројтерс“.

Руските енергетски компании, „Газпром Нефт“ и „Газпром“, поседуваат повеќе од 56 проценти од акциите на НИС.