Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за 2,5 денари, а цената на дизелот се зголемува за два денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,47 отсто.
Новата максимална малопродажна цена на „евросупер БС-95“ е 85 денари за литар, „евросупер БС-98“ ќе се продава за 87, „евродизел БС“ (Д-Е V) за 93,5, а екстра-лесното масло за горење (ЕЛ-1) за 98,5 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 3,064 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ и ќе изнесува 49,720 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени кај сите нафтени деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување, и тоа кај бензините во просек за 5,324 отсто, кај дизелот за 2,817, кај екстра-лесното масло за 3,394 и кај „мазутот“ за 8,305 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,3444 отсто.
Потсетуваат дека во оваа пресметка се земени во предвид намалениот износ на акцизата за 4 денари за литар кај „евродизелот“ (Д-Е V) и намалениот износ на акцизите за 2 денари за литар кај бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“, како и намалениот износ на ДДВ за нафтените деривати „евросупер БС-95 и „евросупер БС-98“ во износ од 10 отсто, со исклучок кај дизелските фракции и „мазутот“.
На најголем дел од бензиниските пумпи во земјата дизелот се продава за три, а бензините за два денари пониско од максималната малопродажна цена што ја определува РКЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Македонија останува со убедливо најниска цена на бензините и дизел-горивото во регионот, со намалени акцизи за бензините и за дизелот и намалено ДДВ за бензините.
На новинарско прашање Мицкоски рече дека не се планира нова мерка за намалување на ДДВ-то за дизелот истакнувајќи дека според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) државава е меѓу првите три држави во Европа според аплицирани мерки во однос на бруто-домашниот производ (БДП).
„Граѓаните од соседните држави ја зголемија потрошувачката на бензинските станици во Македонија, во одредни денови за 30 проценти. Ние се гордееме што можеме да влијаеме за подобар стандард на граѓаните на соседните држави, меѓу кои се Србија, Косово, Албанија и Грција, и делумно Бугарија. Како држава сме фактор на стабилност и продолжуваме со политика што ќе значи подобар стандард за греѓаните. Остануваме на намалените акцизи за бензините и за дизел-горивата, остануваме на намаленото ДДВ за бензините и остануваме со убедливо најниска цена на бензините и дизел-горивата во регионот“ – изјави Мицкоски.
На меѓународните берзи денеска барел нафта се тргуваше за повеќе од 110 долари поради геополитичките тензии на Блиски Исток.
На берзата во Лондон цената на нафта од марката Брент се зголеми за 2,44 долари во однос на петокот и се продаваше за 110,61 долари.
На американските берзи цената на нафта се зголеми за 1,38 долари и барел се тргуваше за 103,32 долари.


