Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе ги „значително намалат“ заедничките воени вежби со Јужна Кореја, наведувајќи дека е „во многу добри односи“ со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун. Тој исто така забележа на „Трут соушал“ дека Јужна Кореја неодамна одбила да се приклучи на САД во „денуклеаризацијата“ на Иран, објави Би-Би-Си.
„Овие вежби не само што се скапи, при што најголем дел од трошоците ги плаќаат САД (како и обично!), туку испраќаат сигнал што е целосно несоодветен и непријателски,“ напиша Трамп.
Сеул соопшти дека ги разгледува коментарите на Трамп, додавајќи дека се надева оти поволната врска меѓу Вашингтон и Пјонгјанг може да доведе до суштински разговори. Пјонгјанг сè уште нема коментирано.

Претходно, Јужна Кореја изјави дека вежбите со САД ќе продолжат „според распоредот“.
Ова доаѓа откако Северна Кореја овој месец спроведе тестови на балистички ракети забранети од Обединетите нации.
Трамп во својата објава на социјалните мрежи во неделата рече дека е „предоцна за откажување“, бидејќи САД и Јужна Кореја требаше да ги започнат своите годишни воени вежби во понеделник.
Трамп претходно ги суспендираше големите американско-јужнокорејски воени вежби во потрага по дипломатија со Ким. По неговиот прв самит со севернокорејскиот лидер во 2018 година, тогашната вежба Ulchi Freedom Guardian беше откажана, додека другите беа суспендирани или намалени. Вежбите подоцна беа редизајнирани и продолжени во изменети форми и имиња, пишува британски „Гардијан“.
Чеонг Сеонг-Чанг, потпретседател на тинк-тенкот Sejong Institute со седиште во Сеул, рече дека Трамп би можел да оди и понатаму ако повторно се сретне со Ким, потенцијално одлучувајќи целосно да ги суспендира вежбите или да го намали бројот на американски војници без консултација со Јужна Кореја.
Тој додаде дека сојузот меѓу САД и Јужна Кореја останува „исклучително важен“, но аргументираше дека Сеул треба постепено да ја намали својата безбедносна зависност од Вашингтон и да се движи кон обезбедување сопствена нуклеарна одвратувачка способност — идеја што има широка јавна поддршка во Јужна Кореја, иако е одбиена од владата и меѓународно оспорувана.
„Намалувањето на интензитетот на вежбите „би ја ослабило одвратувачката моќ против можни конфликти во Азија“
Леиф-Ерик Исели, професор по меѓународни студии на Универзитетот Ewha Womans во Сеул, во изјава за „АФП“, предупредува дека намалувањето на вежбата би „го забавило процесот на Јужна Кореја да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана и би ја ослабило одвратувачката моќ против можни конфликти во Азија“.
„Заштедата на трошоци од намалување на вежбите е минимална, додека дипломатските придобивки за односите со Северна Кореја се сомнителни,“ изјавил тој.
Лим Еул-чул, експерт за Северна Кореја на Универзитетот Кјунгам, додадав дека Пјонгјанг веројатно нема да биде погоден од најавата на Трамп. „Северот ќе го смета тоа за значајно само ако заедничките вежби целосно се откажат, а не само да се намалат. Нема многу причини да го гледа ова како значајно.“



