Во близина на гасовод што носи руски гас од Турција до Унгарија е пронајдена високоексплозивна направа, соопштија на 5 април српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Станува збор за пронајдени два ранци во кои била сокреина околу 4 килограми таканаречен пластичен експлозив. Овој настан се случува на само една недела пред одржувањето на парламентарните избори во Унгарија.
Српскиот претседател Вучиќ изјави за медиумите дека во телефонски разговор го информирал Орбан за инцидентот на гасоводот „Балкански поток“ во близина на војводинското село Велебит кај Кажњижа во Војводина во северна Србија, каде што, според него, се пронајдени два големи пакети со експлозиви.
Српската воена безбедносна агенција соопшти дека се пронајдени експлозиви и опрема за подготовка на „експлозиви за саботажа“, додека Обвинителството во Суботица соопшти дека се пронајдени два ранци што содржат околу четири килограми супстанца за која претпоставува дека е пластичен експлозивен материјал.
Орбан по вонредната седница на Унгарскиот совет за одбрана, која ја свика по веста за инцидентот, изјави инцидентот е нечија „саботажна операција на делницата Војводина од гасоводот „Турски поток“ што ја снабдува Унгарија“, објави новинската агенција Ројтерс.
„Се координирам со српскиот претседател. Никој не е повреден и гасоводот работи без прекини“, рече Орбан.
Инцидентот со експлозивот на само една недела пред избори во Унгарија
Инцидентот се случи една недела пред клучните избори во Унгарија на 12 април, на кои Орбан се обидува да го продолжи своето 16-годишно владеење, при што неговата партија заостанува зад опозициската партија Тиса на анкетите.
Орбан го зголеми нивото на безбедност околу енергетската инфраструктура на земјата во февруари. Тој дополнително ги зголеми влоговите во изборната трка, велејќи дека тоа е избор помеѓу војна и мир.
Унгарската опозиција се сомнева во вистинитоста на инцидентот
Лидерот на унгарската опозиција, Петер Маѓар, изјави дека во претходниот период добил информации дека нешто „случајно“ ќе се случи на гасоводот во Србија за Велигден, велејќи му на премиерот Виктор Орбан дека нема да може да ги спречи изборите што треба да се одржат следната недела.
Маѓар нa Фејсбук напиша дека со недели добивал „сигнали од неколку места дека, по претходните неуспешни операции под лажно знаме, поради падот на поддршката за Фидес, Орбан сака да премине нова граница со помош на Србија и Русија.“
Будимпешта вели ова личи на украинско сценарио, Киев демантира
Будимпешта е исто така во спор со Украина околу прекинот на снабдувањето со нафта преку гасоводот Дружба. Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, изјави дека Украинците би можеле да стојат зад обидот за дигање во воздух на гасоводот „Турски тек“ на територијата на Србија. Сијарто ги изнесе овие тврдења по седницата на Унгарскиот совет за одбрана.
Сијарто рече дека „оневозможениот терористички напад во Војводина се вклопува во шемата на украинските дејствија“.
Според него, Украинците претходно го дигнале во воздух гасоводот „Северен тек“, го блокирале нафтоводот „Дружба“, со што ги запреле испораките на нафта за Унгарија и Словачка, а во последните недели го нападнале гасоводот „Турски тек“ на руска територија со десетици дронови.
„Тие сакале да го дигнат во воздух „Турски тек“, рече Сијарто, нарекувајќи го тоа „многу груб напад врз суверенитетот на Унгарија и Србија“, изјави Сијарто.
Сепак, тој појасни дека не тврди директно дека Украинците ги поставиле експлозивите, туку дека чинот се вклопува во низа дејствија со кои Украина сака да ги наруши руските испораки на гас и нафта.
Сијарто најави дека унгарскиот дел од гасоводот „Турски тек“, кој ја снабдува земјата со природен гас, ќе биде ставен под воена заштита.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи изјави дека Киев „категорично ги отфрла“ обидите за поврзување на Украина со експлозивите пронајдени во близина на гасоводот во Србија.
„Украина нема никаква врска со ова. Најверојатно, ова е руска операција под лажно знаме, како дел од силното мешање на Москва во унгарските избори“, напиша ортпаролот Хеорхи Тичи на социјалната платформа X, порано позната како Твитер.


