Домашната индустрија забрзано се врти кон военото производство бидејќи таму многу компании ја гледаат својата шанса, констатира Германската индустриска и трговска комора (DIHK).
Анкета на бизнис магазинот „Wirtschaftswoche“ открива дека речиси една третина од индустриските компании гледаат можности за сопствени бизнис модели во безбедносниот и одбранбениот сектор, пренесува агенцијата ДПА.
„Анкетата ги одразува перспективи што во одбранбената индустрија се отворија како резултат на геополитичките конфликти“, рече Рајнер Камбек, експерт од DIHK.
Сепак, општата економска ситуација останува напната.
Германската комора во својата анализа наведува дека веќе секој шести индустриски погон во земјата е вклучен во одбранбениот сектор.
Водечка е автомобилската индустрија каде 36 отсто од компаниите директно или индиректно се активни во одбранбениот сектор.
Меѓутоа, само 2,5 проценти од индустриските фабрики во Германија произведуваат исклучиво воена опрема, додека 6,9 проценти произведуваат стока што може да има и цивилна и воена примена. 7,6 отсто, пак, работат како добавувачи.
Кога се во прашање плановите, покрај моментални 17 проценти, уште 12,3 отсто од домашните индустриски капацитети планираат да се вклучат во воената индустрија.
Но, поради воените конфликти германската економија би можела да извиси од очекуваниот раст. Дел од економистите изминатиот период посочија дека војната во Иран ги открива структурните слабости и предупредуваат дека без реформи земјата ризикува трајно да го намали својот потенцијал за раст.
Во заедничката анализа на неколку институти, меѓу кои Германскиот институт за економски истражувања од Берлин, Ифо и Килскиот институт за светска економија, беа преполовени проекциите за раст. Додека дел од економистите сè уште предвидуваат раст од 1,3-1,4 проценти, анализата прогнозира дека германскиот БДП годинава би можел да има раст од само 0,6 отсто и 0,9 отсто во 2027 година.
Фотоархива/Воено возило, Хамбург (Фото: Wolfgang Weiser)


