Инциденти во Белград: Одекнале и топовски удари

Објавено:

По масовниот антивладин протест во Србија, се случија инциденти во центарот на Белград во близина на Пионерскиот парк.

Околу паркот е поставен полициски кордон со опрема за растерување протести. Во овој парк се наоѓа „Чациленд“ – шатори во кои се собрани поддржувачи на претседателот Александар Вучиќ и неговата партија Српска напредна странка (СНС). До инциденти дошло кога демонстранти од антивладиниот протест фрлале шишиња и факли.

Во тек е и полициска интервенција на неколку други места каде биле фрлани камења и шишиња кон полицијата.

Телевизијата Н1 јавува дека непрекинато се слушаат и топовски удари.

На некои улици се запалени и контејнери.

Инцидентите следуваа откако заврши централниот собир на плоштадот „Славија“ на кој повикаа студентите.

Стануваше збор за еден од најголемите протести досега организирани од студентите. Невладината „Архив јавних скупова“ (АЈС) објави дека број на граѓани кои излегле над протест е над 100 илјади, но прецизни проценки поради масовноста нема да објави вечерва.

Оттаму предупредија и оти власта ќе се обиде да го намали бројот на демонстранти. Тоа и се случи откако директорот на српската полиција, Драган Васиљевиќ набргу излезе со информација дека бројот на луѓе кои учествувале на собирот бил 34.300.

Студентите бараат избори и демократизација на државата, додека претседателот Вучиќ иако најави, сè уште не ги распиша изборите.

Мобилизацијата на студентите во Србија започна по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 каде се урна настрешницата од железничката станица при што загинаа 16 лица.

Тие постојано инсистираат дека треба да се утврди одговорност на властите за трагедијата, додека Вучиќ и неговата владејачка партија Српската напредна странка (СНС) негираат одговорност и најавуваат контра собири што досега не се одржани.

Студентите ја блокираа работата на факултетите, маршираа низ цела држава, организираа низа протести и мобилизираа илјадници граѓани.