Една деценија откако започна да ја преобликува Републиканската партија по свој модел, претседателот Доналд Трамп во вторник се соочува со можноста од бунт на гласачите, кој би можел да ги принуди конзервативците да ја преиспитаат својата слепа лојалност кон 80-годишниот лидер на заминување и неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“(МАГА).
Некои републикански кандидати веќе започнаа да се дистанцираат од него, а демократите, кои остануваат непопуларни и покрај замавот на среднорочните избори, брзаат кон борба за превласт меѓу партискиот естаблишмент и охрабрените прогресивци кои бараат ништо помалку од суштински промени.
Како што пишува Асошиеитед Прес, без разлика која партија ќе победи или изгуби во вторник, крајот на среднорочните избори во 2026 година го означува почетокот на борба со висок влог за политичката иднина на земјата во задоцнетите години од ерата на Трамп — борба која брзо ќе избие во преден план на американската политика додека новите членови на Конгресот пристигнуваат во Вашингтон и започнува претседателската трка за 2028 година.
„Кога претседателот Трамп ќе ја напушти функцијата, тоа ќе создаде огромен вакуум. И јас го поставувам прашањето, каде ќе оди земјата понатаму?“, праша поранешниот републикански сенатор Џон Е. Сунуну, кој се кандидира за сенаторското место од Њу Хемпшир што го изгуби во 2008 година.
Републиканците почнуваат да си замислуваат партија по Трамп
Повеќе од која било политика или принцип, најмоќната обединувачка сила во современата Републиканска партија стана самиот Трамп.
И така, додека партијата гледа кон крајот на ерата на Трамп, големи прашања висат над тоа кој или што ќе ја води. Трамп одамна го разби триножниот стол на конзервативизмот на Роналд Реган кој ја дефинираше Републиканската партија со генерации: фискален конзервативизам со наклонетост кон мала влада и слободна трговија, конзервативни социјални вредности и цврста надворешна политика.
Она што останува денес е флуиден популизам кој се менува со каприците на претседателот на заминување. Дрскиот бизнисмен помогна Републиканската партија да се оддалечи од елитистичкиот бизнис-клуб и да се насочи кон многу поширока коалиција од гласачи од работничката класа, вклучително и растечки дел од традиционалното демократско гласачко тело како Хиспаноамериканците, Афроамериканците и младите.
Републиканскиот стратег Дејвид Урбан изјави дека внимателно следи дали коалицијата на Трамп ќе опстане во вторник.
„Кога ќе го видиме тоа, тоа ќе ни каже многу за иднината. Видете, ако сите тие луѓе останат дома, разочарани поради економијата, војната или кое било прашање од излезните анкети, тоа тогаш остава многу прашања за тоа кој ќе биде следниот предводник на партијата“, рече Урбан.
Најголемиот дел од гласините за Републиканската партија за 2028 година се насочени кон потпретседателот Џеј Ди Венс. Четириесет и двегодишниот поранешен сенатор од Охајо премина од критичар на Трамп во негов верен следбеник, и тој би можел да се соочи со вообичаените предизвици за градење независен политички идентитет додека ја врши втората највисока функција во земјата.
Доколку републиканците имаат лоша ноќ во вторник, претседателските акции на Венс би можеле да претрпат удар. Друг популарен кандидат за 2028 година, државниот секретар Марко Рубио, би можел да се соочи со сличен предизвик.
Но, тоа би можело да му ја отвори вратата на сенаторот од Тексас, Тед Круз, гувернерот на Флорида, Рон Десантис, или можеби дури и на гласен критичар на Трамп како поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, кој има 64 години и размислува за враќање.
Демократите не можат да се договорат за тоа што следува
Со мали исклучоци, претставниците на Демократската партија очекуваат добра ноќ во вторник, дури и ако не победат во двата дома на Конгресот. Меѓутоа, тие не се согласуваат околу тоа што следува понатаму.
Естаблишментот го поздравува застанувањето на чело на конгресменот Хаким Џефрист, кој е на пат да стане првиот Афроамериканец претседател на Претставничкиот дом доколку демократите освојат мнозинство. И тие бараат темелни промени во луѓето и политиките што ја водат нивната партија.
Таквите барања се особено изразени меѓу демократите поврзани со Демократските социјалисти на Америка (ДСА). Во моментов, само двајца членови поддржани од ДСА служат во Претставничкиот дом. Се очекува нивниот број да порасне на најмалку седум во новиот Конгрес, благодарение на успехот на листата кандидати поддржани од градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, на внатрепартиските избори.
Кандидатот за сенатор од Мичиген, Абдул Ел-Сајед, би ѝ дал на крајната левица уште еден гласен застапник, иако тој нема официјална поддршка од ДСА, ниту пак се идентификува како демократски социјалист.
Гувернерот на Мериленд, Вес Мур, потенцијален претседателски кандидат на Демократите кој се соочува со реизбор следната недела, одби да каже дека ѝ посакува добродојде на ДСА во својата партија кога беше директно прашан за тоа.Наместо тоа, тој за (АП) изјави дека сака „разумни лидери кои се подготвени да го нарушат статус квото и знаат како да делуваат брзо за да ги завршат работите.“
Тој повеќепати повтори дека демократските лидери мора да делуваат итно.
„Не сакам да бидам партија на ‘не’ и ‘бавно’. Сакам да бидам партија на ‘да’ и ‘сега’. Сакам да бидам партија која е крајно нестрплива да ги испорача резултатите на кои се надеваме и работите што сакаме да ги видиме за нашите семејства“, рече Мур.
Реториката на Мур се совпаѓа со реториката на енергичната активистичка класа на демократите, но тие речиси сигурно не се согласуваат за тактиките потребни за борба против Трамп и неговите сојузници во Конгресот. А левото крило на Демократската партија би можело да стане уште погласно по среднорочните избори.
Корбин Трент, поранешен советник на конгресменката Александрија Окасио-Кортез, изјави дека вторникот означува нов почеток што им дава на демократите огромна можност да прифатат трансформативни промени во здравството, домувањето и инфраструктурата, меѓу другите главни прашања.
Но, тој не е оптимист дека демократите кои ја водат партијата во Вашингтон се дорасната задача за тој предизвик.
„Овие избори се отфрлање на статус квото. Фактот е дека Чак Шумер, Хаким Џефрис и најголемиот дел од раководството на Демократите се покажаа неспособни да одговорат на овој момент за тоа што навистина е: клучен момент што ќе нè поведе напред“, рече Трент.
Во меѓувреме, Трамп ќе биде на функција уште две години, без разлика дали неговата партија ќе претрпи големи загуби следната недела или не. А дури и политички ранет, Трамп би останал доминантна сила во републиканската политика и во следната борба за претседателска номинација.


