Трамп со нови закани, Иранците и Американците не се сликаа заедно

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата (21 јуни) се закани дека ќе ја обнови војната со Иран додека потпретседателот Џеј Ди Венс се наоѓаше во Швајцарија на нова рунда преговори со иранските претставници чија цел беше да се постигне или да се доближат кон конечен договор за мир.

Разговорите се одвиваа во планинскиот одморалиште Бургеншток во Швајцарија, во сопственост на Катар, и тие беа првите што се одржаа според условите на меморандумот за разбирање договорен пред една недела помеѓу САД и Иран.

Посредник во разговорите е Пакистан, кој беше и домаќин на претходната средба помеѓу двете страни.

Американците и Иранците во Швајцарија, како што јавува Ројтерс, не се обидоа ниту да се фотографираат заедно за време на разговорите. Она што го забележаа медиумите беше дека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, накратко влезе во собата и го прегрна пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој ја има улогата на медијатор. Аракчи не комуницираше со Венс, кој беше во задниот дел од просторијата.

На денешната рунда преговори ѝ претходеше потпишување почетен договор од страна на претседателите на САД и Иран со цел да се стави крај на војната. Документот предвидува обврска за понатамошни разговори меѓу страните за постигнување конечен договор во текот на следните 60 дена.

Во него се бара повторно отворање на Ормускиот теснец и прекин на сите непријателства, вклучително и во Либан, кој во март беше нападнат од Израел – верен американски сојузник. Меѓутоа, Иран, тврдејќи дека Вашингтон не ја исполнил својата обврска за прекин на борбите во Либан, објави дека повторно го затворил теснецот и дека денешните разговори нема да опфатат суштински прашања како што е нуклеарната програма на Иран.

Иранската државна телевизија објави дека на првата 80-минутна сесија од разговорите не се дискутирало за нуклеарната програма на Иран, туку за почитувањето на договорот меѓу САД и Иран и ситуацијата во Либан.

Иранската делегација, исто така протестирала до американските претставници за заканите од Трамп.

За време на разговорите во Швајцарија, Венс кој ја предводеше американската делегација, го минимизираше влијанието на случувањата во Либан, велејќи дека е постигнат напредок кон прекинување на непријателствата во оваа држава.

„Овие работи се секогаш малку хаотични“, рече тој.

И додека Трамп испраќаше нови закани кон Иран, Венс пред новинарите изјави оти американскиот претседател замолил „да свртиме нов лист за да го трансформираме нашиот однос со народот на Иран“.

Во своите изјави, пак, Трамп отворено се закани.

„Иран мора веднаш да ги спречи своите високо платени послушници во Либан да предизвикуваат проблеми. Ако не го сторат тоа, повторно ќе го удриме Иран многу силно, исто како што направивме минатата недела, само посилно!!!“, рече Трамп, алудирајќи на сојузниците на Иран во Либан.

„Фокс њуз“, медиум кој важи за близок до администрацијата на Трамп, како што пренесува Ројтерс, објави дека американскиот претседател со своите пораки отишол и подалеку велејќи во едно интервју оти им кажал на иранските претставници дека ако го затворат теснецот „нема да имате земја“ и се заканил дека ќе го преземе водниот пат.