Ветувања дека лебот нема да поскапи до крајот на април

Објавено:

Цените на лебот и пецивата нема да се покачуваат во следниот период и ќе останат исти до крајот на април. Состојбата континуирано ќе се следи и ќе се анализира.

Вакви заклучоци беа објавени по состанокот што во Министерството за економија го одржаа заменик-министерот Марјан Ристески, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и претставници од мелничко пекарската индустрија на коморите и нивните членови – Стопанската комора, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Тие уверуваат и оти состојбата со цените на лебот и пецивата е под контрола и тие не се покачени во 99 отсто од државата, откако изминатите денови имаше реакции дека лебот поскапува во дел од градовите низ земјава.

„Министерството за економија и Владата, се заложија заеднички да се следи состојбата и, во случај на влошување на ситуацијата со цените на нафтата и нафтените енергенси, заедно со мелничката индустрија да изнајдат заеднички решенија како би се релативизирала опасноста во оваа индустрија од зголемување на цените“, наведуваат во соопштение Стопанската комора и Сојузот на стопански комори.

Со слични пораки по средбата излезе и заменик-министерот порачувајќи дека заеднички заклучиле дека треба да има фер цени на производите.

„Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата, свесни сме за притисокот кој го имаат компаниите поради зголемените цени на енергенсите и како држава нема да интервенираме во пазарот без причина, но нема да стоиме на страна ако се создава реален притисок врз граѓаните без објективна основа“, порача Ристески.

Опозицијата, пак, критикува дека власта не ги штити граѓаните прозивајќи го премиерот Христијан Мицкоски „колку треба да поскапи лебот, за конечно да преземе мерки“.

„Празните фрижидери и празните џебови не можат да го чекаат Мицкоски. СДСМ навреме предупреди дека растот на цените на нафтата ќе предизвика бран поскапувања на храната. Денес тоа се случува. Поскапува лебот. Веќе се поскапени зејтинот, јајцата, млекото, овошјето и зеленчукот. Мицкоски ги држи граѓаните во сиромаштија. Без мерки. Со најниски плати во Европа“, изјави Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Цената на нафтата, кои се одразуваат и на цените на храната, денеска, на пример, при отворањето на берзите во Азија надмина 115 долари за барел.

Како што пренесе „Би-би-си“ суровата нафта од марката „брент“ изнесува 115,84 долари, што е зголемување од 2,9 отсто во однос на цената од минатиот петок.

Цената за барел од истата нафта беше околу 72 долара пред 28 февруари кога почнаа американските и израелските напади врз Иран.