Силни дождови и поплави погодија делови од јужна Индија во текот на викендот. Најмалку 11 лица загинале, а илјадници се раселени во државата Керала. Предизвикано е лизгање на земјиштето, при што загинале најмалку три лица во соседната држава Карнатака.
Бројот на жртви во инцидентите поврзани со обилните дождови се искачи на 11 до неделата, а речиси 7700 луѓе беа евакуирани во околу 275 кампови за помош низ Керала, изјави министер на државната влада.
Главниот министер на Керала, В.Д. Сатисан, на 3 август изјави дека ќе се сретне со окружните службеници за да го разгледа работењето на камповите за помош. Додаде рече дека започнале операции за чистење во областите погодени од поплавите.
„Државата веројатно ќе биде погодена од силни ветрови и умерен дожд во некои области во понеделник“, објави државниот штаб за управување со катастрофи.
Поради обилните дождови, многу училишта низ земјата беа затворени, додека владата го одложи испитот за вработување наставници на државно ниво.
Во северната соседна држава Карнатака, обилните дождови предизвикаа лизгање на земјиштето во кое загинаа еден брачен пар и нивниот син, објави весникот „Хинду“.
Инаку Индија редовно се соочува со големи поплави за време на сезоната на монсуните (јуни–септември), особено во државите Асам, Бихар, Керала, Утар Прадеш и Химачал Прадеш.
Поплавите во Индија најчесто се резултат на интензивни монсунски врнежи, излевање на големи реки како Брамапутра и Ганг, како и поројни дождови во подножјето на Хималаите, кои предизвикуваат и свлечишта.



