Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на етнички Македонец, коосновач на непрофитна организација за човекови права, кога домашните судови го отфрлиле неговото барање за регистрација на здружението без да обезбедат валидно правно оправдување, утврди Комитетот за човекови права на Обединетите Нации.
Во соопштението од Комитетот е наведено дека подносителот на жалбата, историчар по професија, е член или коосновач на непрофитни организации на етнички Македонци и тврди дека ниту една од овие организации не е регистрирана во Бугарија како резултат на политика со која се негира признавањето на македонскиот етнички идентитет. Станува збор за обид на историчар да регистрира невладина организација во Бугарија под името „Правозаштитен комитет Толерантност“.
Во овој конкретен случај, подносителот на жалбата поднел барање до властите за регистрација на невладина организација, Комитет за заштита на човековите права „Толеранција“, врз основа на Законот за непрофитни правни лица (NPLEA).
Според соопштението и покрај сите релевантни документи и дополнителни побарани информации за активностите на здружението, тој бил одбиен за регистрација без образложение. За одлуката се жалел и до бугарската Апелација, но одлуката, исто така, била потврдена без конкретно образложение.
По бугарските судски инстанци, подносителот на жалбата се обратил и до Комитетот за човекови права при Обединетите Нации, тврдејќи дека неговото право на слобода на здружување е повредено.
„Целосното остварување на правото на слобода на здружување во поволна средина е камен-темелник на демократското општество“, рече Ивон Дондерс, членка на Комитетот.
„Постоењето на здруженија кои мирно промовираат идеи за толеранција и коегзистенција на различни етнички групи мора да биде заштитено, дури и ако нивните ставови не ги делат властите или мнозинството од населението. Овој израз на плурализам, разновидност и толеранција ја води тековната работа на Комитетот поврзана со неговиот нацрт-општ коментар бр. 38 за правото на слобода на здружување“, изјави Дондерс.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски очекува дека оваа одлука на Комитетот за човекови права ќе има ефект, но не врз политиката на политичарите кај источниот сосед, посебно не сега, како што вели, без силна и робусна акција од Брисел и поголемите членки на Европската Унија.
„Секој оној што мисли и сѐ уште верува дека ако се измени Преамбулата на Уставот, тука завршуваат нашите предизвици и маки, се лаже или не ја разбира политиката или свесно претставува меко ткиво на македонскиот идентитет и одработува за туѓите интереси“, изјави Мицкоски.
Комитетот за човекови права ја повика Бугарија да ги преиспита домашните судски одлуки со кои се одбива регистрацијата и да му обезбеди на подносителот на жалбата соодветна отштета, вклучително и надомест на таксите и другите правни трошоци што произлегуваат од прекршувањето. Исто така, побара од Бугарија да поднесе извештај во рок од 180 дена, детално наведувајќи ги мерките што ги презела за да ја поправи ситуацијата.


