Орбан: Ситуацијата со гасоводот е исклучително сериозна

Објавено:

Ден откако властите во Белград објавија дека бил откриен експлозив на српската страна од гасоводот „Турски тек“, унгарскиот премиер Виктор Орбан го обиколи делот од гасоводот на границата меѓу Унгарија и Србија.

„Вчера (5 април) сакаа да го дигнат во воздух гасоводот. Проверуваме дали сè е во ред на унгарската страна“, напиша Орбан на социјалната мрежа Фејсбук.

Обраќајќи им се на новинарите, Орбан рече дека „ситуацијата е исклучително сериозна“, дека снабдувањето со гас на Унгарија засега не е загрозено, но дека треба да се биде „многу внимателен“.

„Ситуацијата е исклучително сериозна. Претходно разговаравме за нафтата, бевме под блокада. Тоа ќе го надоместиме од друго место, но гасоводот е уште поголема „артерија“. Моментално сме под украинска блокада, но можеме да ја надоместиме загубата од југ. Ако се пресече таа папочна врвца, унгарската економија ќе запре“, изјави Орбан.

Тој исто така, потврди дека е зголемена воената заштита на унгарскиот дел од гасоводот „Турски тек“.

Будимпешта е во спор и со Украина околу прекинот на испораките на нафта преку нафтоводот „Дружба“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 5 април го информираше Орбан дека во близина на селото Велебит на север од Србија, во близина на гасоводот што транспортира руски гас до Унгарија, се пронајдени два големи пакети со експлозиви.

Воената безбедносна агенција (ВБА) објави дека се пронајдени експлозиви и прибор за подготовка на „експлозиви за извршување диверзија“.

Оттаму соопштија дека службата има „информации дека едно лице од група мигранти ќе се обиде да ја пренасочи гасната инфраструктура“ и дека „тоа лице сигурно ќе биде приведено“.

Ги отфрлија дезинформациите дека српската армија наводно пронашла украински експлозиви, додавајќи дека ознаките на пронајдените експлозиви покажуваат дека биле произведени во Соединетите Држави.

Во меѓувреме, унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој заедно со Орбан го обиколи гасоводот, изјави дека српските власти спречиле терористички напад.

„Нашата задача е да го заштитиме суверенитетот на Унгарија, да го заштитиме снабдувањето на унгарските семејства, да ја заштитиме способноста на земјата да функционира и да се бориме за пониски сметки за комунални услуги“, рече шефот на унгарската дипломатија Сијарто.

Гасоводот „Турски тек“ транспортира од 7,5 до 8 милијарди кубни метри гас годишно и е главна енергетска артерија на Унгарија.