Што досега е познато за случајот со Ива Михаилова?

Објавено:

7 октомври 2025. Експресен пат Кочани – Штип. Ова се датумот и местото кога се случува сообраќајната несреќа во која учествува Ива Михаилова, девојката која од вчера е во фокусот на македонската и бугарската јавноста и чиј случај дополнително ги „разгоре“ односите меѓу Софија и Скопје кои имаат отворени билатерални прашања поради кои е блокиран евроинтеграцискиот процес на Македонија.

Во сообраќајната несреќа во која учествува таа, загина млад маж од скопско Љуботен, а уште три лица во возилото со него се повредени – еден потешко, двајца полесно. Повредена е и Михаилова која била во другиот автомобил, а таа подоцна станува и обвинета за сообраќајката и се гони за кривичното дело „тешко дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Додека трае судскиот процес за Михаилова, на сила се мерки за обезбедување присуство – има забрана за напуштање и на државата и на родниот град Кочани, обврска повремено да се јавува во кочанскиот суд, а одземени и се и двата пасоши – македонскиот и бугарскиот.

Таа бара да ѝ се вратат патните исправи за да се лекува во Бугарија, но кочанското Основно јавно обвинителство дава негативни мислење, според тврдењето оттаму, токму поради опасноста од бегство.

Во меѓувреме, нејзиниот предмет се издига во соседството од аспект на тоа дека не и се дозволува лекување во странство и се гони во Македонија само затоа што има „бугарска самосвест“, па кај дел од тамошната јавност таа се доживува како „жртва на државна репресија“ поради национална припадност.

Што тврдат Михаилова и нејзиниот адвокат?

Една година подоцна, иако без пасоши утрото на 12 октомври 2026 обвинетата Михаилова преку бугарските медиуми се „јави“ дека е во Софија тврдејќи дека легално и без никаков проблем ја преминала границата. Таму, велат, ќе се лекувала во универзитетскиот клинички центар „Пирогов“.

Пред да се упати на лекување, таа и нејзиниот адвокат од Бугарија, Николај Димитров, даваа изјави за тамошните медиуми во кои тврдат дека е жртва на репресија затоа што била Бугарка, обвинувајќи за наводни неправилности во случајот против неа во Македонија, меѓу кои и „незаконски претреси“ во домот.

За заминувањето во Бугарија, обвинетата во една од изјавите тврди дека ја поминала границата со лична карта. Бугарија е членка на Европската Унија, па влез од македонска на бугарска територија преку легален граничен премин е невозможен со лична карта.

За разлика од неа, за начинот на кој таа пристигна во Софија нејзиниот адвокат во една од изјавите ќе каже „нашиот пат не е многу дипломатски, но во случајот мораше да се постапи така“. Тој тврди оти ден пред таа да се појави пред бугарските медиуми, го контактирала дека не се чувствува добро и затоа решиле да пробаат да ја однесат во Бугарија.

„Имавме неколку варијанти за дејствување“, вели во една од изјавите.

Според неговите тврдења, бугарските официјални институции не биле известени за оваа „акција“, а имало актери и од Македонија што им помогнале и имале разбирање за случајот. Сепак, не кажува конкретно кој се им помогнал за транспортот ниту каде ја поминале границата.

Нема дециден одговор ниту дали Михаилова ќе се врати во Македонија каде се води судскиот процес. Адвокатот Димитров посочи оти „ќе соработува“. Следното рочиште треба да се одржи на почетокот на ноември.

Преминот на граница го нема ниту во македонска ниту во бугарска евиденција

За случајот се огласи македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) кое тврди дека не евидентирало излез од државната граница.

„Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија“, тврди МВР.

Последен пат, таа влегла во Бугарија во септември 2025, а се вратила назад во Македонија во октомври 2025, тврди МВР.

А, токму кон МВР беа насочени и најголем дел од реакции на македонската политичка сцена каде опозицијата бара одговорност, па дури и оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Остра реакција од МНР: Бугарското државјанство не смее да биде заштита од одговорност, ќе ги информираме ЕУ и Советот на Европа

Случајот предизвика остра реакција од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија кое заминувањето на Михаилова во Бугарија го нарече „бегство“.

Во врска со нејзиниот прием на високо ниво во Софија, МНР посочува дека „ваквото постапување на бугарските државни институции ги подрива напорите што ги вложуваме за градење доверба и е спротивно на декларираните заложби за развој на добрососедските односи“

„Националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции. Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите. Од Република Бугарија, како членка на Европската Унија, очекуваме постапување во согласност со основните европски принципи: почитување на судските постапки, соработка меѓу надлежните институции и еднаквост пред законот. Постапките што создаваат впечаток на институционална заштита од судска одговорност се неспоиви со тие принципи. Владеењето на правото не смее да биде селективно, ниту да зависи од националната припадност на поединецот“, порачаа од МНР.

За развојот на случајот официјално Скопје, според најавите, ќе ги информира и меѓународните партнери, особено институциите на ЕУ и Советот на Европа.

Бугарските институции тврдат дека не знаеле за доаѓањето на Михаилова

Претставници на бугарските институции и високи функционери во бугарската држава од своја страна ја потврдуваат верзијата на адвокатот Николај Димитров, дека не знаеле оти таа ќе замине од Македонија во Бугарија.

Меѓу нив беше и претседателката Илијана Јотова која во изјава за бугарските медиуми уверува оти дознала за пристигнувањето на Михаилова откако таа се појавила во интервју на бТВ и кажа дека очекува повеќе информации за состојбата на девојката, додека околностите под кои пристигнала на бугарска територија допрва треба да се разјаснат.

Не дочека бугарски лекари да дојдат во Македонија

Случајот на Ива Михаилова беше тема за која се разговараше и при посетата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Софија на 8 октомври.

Двете страни тогаш договорија тим од бугарски лекари да ја посети Михаилова во Македонија.

„Информациите добиени преку дипломатски канали од Република Северна Македонија за подготвеноста за одржување медицински консултации, на кои би учествувале и бугарски лекари, се важен чекор. Се надевам дека ова може да се спроведе многу брзо“, рече бугарската министерка Велислава Петрова Чамова која потенцираше дека во прашање е „хуманитарен случај“.

Муцунски, пак, пред бугарските медиуми нагласи дека во случајот треба да се разграничат два аспекти. Првиот е судската постапка во која Михаилова е обвинета и во која и е изречена забраната за напуштање на државата. За тоа, нагласи министерот, како земја кандидат за членство во ЕУ која има заснован систем на владеење на правото, извршната власт – чиј претставник е тој, не може да се меша во одлуките. Но, кога е во прашање здравствената состојба може да помогне во знак на добра волја, иако тоа не е обврска.

„Бидејќи ова прашање го покренаа претставници на бугарската влада пред претставници на македонските влади на претходните билатерални средби, Република Северна Македонија предложи претставници на здравствените власти од вашата земја – медицински специјалисти кои имаат потребно знаење за конкретното прашање – да ја посетат нашата земја и добронамерно да се осигурат дека на обвинетото лице му е обезбеден соодветен медицински третман“, потенцираше Муцунски.

Сепак, до вакво нешто не дојде со оглед дека само неколку дена подоцна, Михаилова избега во Бугарија.

Во Бугарија е и таткото на Михаилова, осуден на 12,5 години затвор во Македонија

А, таму таа не е сама. Во Бугарија се наоѓа и нејзиниот татко, Симеон Михаилов. И тој е двоен државјанин и по него македонските органи имаат распишано меѓународна потерница за издржување на затворска казна од 12,5 години затвор.

И Михаилов изминатиот период беше во фокусот на јавноста откако се појави на бугарските телевизии бранејќи ја својата ќерка.

Таткото е осуден во случајот „Детонатор“, меѓу другото и за обид за убиство. Тој првично беше осуден на доживотен затвор, но потоа казната му беше намалена.

„Детонатор“ е полициско-судски случај од 2012 година против организирана криминална група која дејствувала главно во Кочани и околината, при што група од околу 15 лица беше обвинета за лихварство и изнуда, злосторничко здружување, насилство и други кривични дела. Беа запленети над 1.000 покер апарати, а како последица на акцијата беа сменети 13 командири на полициски станици и началникот на СВР Штип.

Михаилов еднаш беше во бегство, но беше уапсен во Италија од каде беше екстрадиран во 2014 година. Во меѓувреме, излезе од притвор, а пред затворската казна од 12,5 години да стане ефективна повторно избега, овој пат во Бугарија од каде до ден денес не е екстрадиран.