„Ниту една повеќе“ им забранува на политичарите и на партиските членови да доаѓаат на протести

Објавено:

Неформалната иницијатива “Ниту една повеќе“ не сака полтичари на своите протести.

Иницијативата објави на Фејсбук „Женски проглас“ со кој „им забранува на сите партиски членови, сегашни и поранешни министри и премиери, партиски хиени, политички мршојадци, институционални паразити, бескичмени бирократи, циници, лицемерни профитери, политички лешинари, неоопортунисти, кафански полтрони, професионални лажливци, морални отпадоци и дегутантни душегубци да доаѓаат на протестите и да го претвораат феминистичкиот отпор во квази-партиски декор за сопствената политичка беда“.

Прогласот следува откако на протестот против фемицидите на 25 ноември во Скопје меѓу присутните беа и поранешни политичари.

Наместо политичари, „Ниту една повеќе“ ги повикува „сите изневерени, обесправени, понижени, повредени, бесни до срж, алергични на лицемерие, гладни за правда, жедни за слобода, имуни на страв, непокорни, бескомпромисни, непослушни, пркосни, солидарни, бунтовни, згрозени од системската негрижа, огорчени од празните ветувања, глуви за партиските проповеди, истрајни и будни граѓани и граѓанки да излеземе на улица“.

Иницијатива организираше три протести во Скопј, на 8, на 20 и на 25 ноември, како реакција на зачестени случаи на семејно насилство, седум фемициди од почетокот на годината (вклучувајќи го убиството на 17-годишната Билјана Кириќ во Богданци) и институционална негрижа.

На протестите беше изразен револт против неказнивоста и задоцнетите реакции на полицијата, центрите за социјална работа и правосудството. Учесниците упатија шест конкретни барања до институциите со рок за исполнување до 10 декември 2026 година: донесување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство по итна постапка, уврдување индивидуална и институционална одговорност за сите пропусти при заштитата на жртвите, обезбедување најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита на жртвите и програми за третман на сторителите, јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базирано насилство и враќање на содржините за родова еднаквост, заштита од насилство и сексуално образование.

МВР поднесе 1.450 кривични пријави за семејно насилство во 2026, што е двојно повеќе во споредба со минатата година.

Во одредени денови се бележат и по 15 пријави за семејно насилство во рок од 24 часа.

Само во ноември, 17-годишната Билјана од Богданци беше запалена во кола од нејзиниот партнер, кој по убиството се самоубил, Сара од Охрид беше претепана и фрлена од автомобил пред маркет, а млада битолчанка заврши во болница откако нејзиниот нејзиниот партнер ја претепал и се обидел да ја задави.