Обвинителството не е дежурниот виновник: Кој всушност треба да го спречи фемицидот?

Објавено:

Не можам да молчам и да не напишам. Особено затоа што сум еден од оние што во континуитет го критикуваат македонското јавно обвинителство. Но, овој пат ќе го бранам. Не затоа што одеднаш станало беспрекорно, туку затоа што не можам да прифатам одговорноста да се распределува таму каде што е најлесно, наместо таму каде што законски припаѓа.

Во Македонија постои оправдан бунт против системот. Виновни ни се полицијата, обвинителството, судовите, центрите за социјална работа. Но, ајде конечно да разграничиме кој, кога и што е должен да направи. Обвинителот не е видовит, ниту може да гони врз основа на претчувство.

Со години, кај кривичното дело телесна повреда при семејно насилство, кривичното гонење зависеше од предлогот на оштетената. Жената пријавува, се собираат докази, се поведува постапка, а потоа, поради страв, економска зависност, притисок од семејството или ветување дека насилството нема да се повтори, таа се откажува од предлогот.

Што очекувате да направи обвинителот кога законот повеќе не му дозволува гонење за конкретното дело? Да го прекрши законот за да го спроведе законот?

Од почетокот на 2024 година до објавувањето на податоците во 2026 година, според самото Јавно обвинителство, биле евидентирани 1.715 постапки за телесна повреда при семејно насилство. Од нив, 798 биле запрени поради повлекување на предлогот за гонење.

Речиси половина!

Дали за сите овие запрени постапки ќе ги обвиниме обвинителите? Дали знаете што сè стигнува на бирото на еден јавен обвинител во ОЈО Скопје? Дали знаете како изгледаат меѓусебните пријавувања во одредени семејни конфликти?

Денес таа го пријавува него. Утре – пу, пу, не важи. Задутре, тој ја пријавува неа. Потоа се помируваат. По две недели повторно се во полициска станица. Во меѓувреме, во конфликтот ги вклучуваат и децата, родителите и роднините. Обвинителството не смее да стане терен за семеен пинг-понг.

Обвинителите повторно се ангажираат, се повикуваат лица, се земаат искази, се бараат докази, се издаваат наредби, се проверуваат наводите.

Секако, меѓусебното пријавување не значи автоматски дека двете страни се подеднакво одговорни. Контрапријавата може да биде и средство за заплашување на вистинската жртва.

Исто така, не ја обвинувам жената која се враќа кај насилникот. Психолошката и економската зависност се реалност. Понекогаш самата жртва не може да препознае до каде стигнала опасноста, бидејќи со години насилството станувало дел од нејзиното секојдневие. Токму затоа проценката на ризикот не смее да зависи исклучиво од проценка на жртвата.

Со измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, процесната пречка кај телесната повреда при семејно насилство е отстранета. Гонењето се презема по службена должност. Тоа е значаен чекор кон исполнување на обврските од Истанбулската конвенција.

Но, отстранувањето на процесната пречка не значи и отстранување на доказните проблеми. Известување од МВР не е исто што и кривична пријава. Ова мора конечно да го разбере и јавноста.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА

Кога МВР ќе соопшти дека за настанот е известен јавен обвинител, тоа не значи автоматски дека е поднесена документирана кривична пријава, дека се обезбедени потребните докази или дека постојат законски основи за предлагање притвор. Секако, обвинителот може и мора да постапува по добиени сознанија и без формална кривична пријава кога за тоа постојат законски основи.

Но, какви информации добил? Што обезбедила полицијата? Какви насоки дал обвинителот? Дали полицијата постапила по нив?

Тука почнуваат вистинските прашања за одговорноста. Првата линија на заштита, кога насилството е пријавено во полиција, е Министерството за внатрешни работи. Полицискиот службеник не е таму само за да земе изјава, да состави записник и да го извести дежурниот обвинител.

Тој има законска обврска да направи проценка на ризикот. Да утврди дали насилството се повторува, дали постојат закани по животот, дали пријавениот поседува оружје, дали претходно бил пријавуван и дали постои опасност насилството да ескалира.

Да обезбеди здравствена заштита и документирање на повредите. Да ги обезбеди расположливите докази. Да го вклучи центарот за социјална работа и да ја упати жртвата кон специјализирани услуги за поддршка.

Уште поважно, кога се исполнети законските услови, полицијата има обврска да побара од судот итно отстранување на насилникот од домот и забрана за приближување до домот, дури и без согласност на жртвата. За ова не е потребна осудителна кривична пресуда.

Затоа, кога ќе се случи фемицид по претходни пријави за насилство, јас сакам да видам нешто повеќе од соопштение на МВР и изразување сочувство.

Сакам да ја видам проценката на ризикот.

Кој ја изготвил? Како го оценил ризикот? Дали биле проверени претходните пријави? Дали било побарано отстранување на насилникот? Кога бил известен обвинителот и со какви информации?

Доколку обвинителот бил навремено известен и не ги презел дејствијата што законски бил должен да ги преземе, нека одговара и тој. Но, обвинителството не може да биде алиби за полициските пропусти.

А дали некој воопшто се прашува колку работа има еден јавен обвинител?

Обвинителот не работи само предмети за семејно насилство. Работи убиства, разбојништва, измами, сообраќајни несреќи, сексуални деликти, дела против деца, присуствува на увиди, издава наредби за вештачења, сослушува осомничени и сведоци, предлага мерки, подготвува обвиненија, застапува предмети пред суд и поднесува жалби.

Покрај сето тоа, дежура и одговара на повици надвор од работното време.

Според податоците за 2025 година, во ОЈО Скопје од предвидените 66 обвинителски места биле пополнети 50, при што осум обвинители биле избрани со ограничен мандат во ОЈО ГОКК. Недостигаат обвинители, недостигаат стручни соработници и стручен кадар.

Од институција која кубури со човечки ресурси очекуваме да функционира со прецизност на швајцарски часовник, а никој не се прашува кој треба да ѝ ги обезбеди условите за работа.

Кадровскиот дефицит не е оправдување за непостапување, но е реалност за која не може да одговара исклучиво обвинителот што го наследил тој дефицит. Имам забелешка и до невладините организации и женските здруженија. Нивната улога во заштитата на жртвите е исклучително важна. Но, кога од обвинителот се бара конкретна мерка или кривичен прогон, мора да се има предвид што законот му дозволува, а што не.

Притворот не е казна. Кривичната пријава не е доказ за вина. Обвинението не е пресуда. А јавниот притисок не може да ги замени законските услови.

Ако законот е пречка, барајте промена на законот. Ако нема доволно кадар, барајте вработувања. Ако полицијата не постапила, барајте полициска одговорност. Ако обвинителот постапил незаконски, барајте негова одговорност.

Но, да не бараме од обвинителот да го прекршува законот за да ги задоволи очекувањата на јавноста.

На 20 ноември 2026 година, Обвинителството, МВР и Министерството за социјална политика договорија нов начин на координирано постапување, со итно известување на обвинителството, проценка на ризикот и прибирање докази. Го поздравувам тоа. Но, се прашувам: колку трагедии беа потребни за институциите да се договорат како заеднички да ја извршуваат својата работа?

А во однос на последните изјави на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за улогата на семејството во превенцијата, имам едно едноставно прашање: А што правиме кога семејството е токму местото од кое жртвата бара државата да ја спаси?

Семејството нема полициски овластувања. Невладините организации не можат да лишат некого од слобода, да одземат оружје или да спроведат судска мерка за заштита.

Државата може. И државата мора.

Не ме интересира натпреварот меѓу политичките партии за тоа за време на чија власт имало повеќе фемициди. Ме интересира што презеле надлежните институции додека тие жени биле живи.

Доста е од статистики по трагедијата. Покажете ги документите од пред трагедијата.

Ќе го критикувам обвинителството секогаш кога ќе потфрли. Но, ќе го бранам секогаш кога од него се бара да одговара за туѓо непостапување. Не бранам имиња, функции или фотелји. Го бранам принципот дека секој мора да одговара за сопствените законски обврски.

Бидејќи целта на државата не е само да обезбеди осудителна пресуда за убиство.

Целта е воопшто да не дојде до убиство.

А обвинителот не треба да биде ниту дежурен виновник за пропустите на системот, ниту човекот од кого ќе очекуваме да ја поправи трагедијата што другите имале можност да ја спречат.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.