Студентите во Албанија најавија формирање на политичка партија

Објавено:

Обединети за Албанија, ќе се вика новата политичка партија, чие формирање го најавија група студенти, заедно со експерти од различни области и претставници на дијаспората, објави порталот „Политико“.

Студентка, која ја претставуваше групата, изјави дека целта на иницијативата е да ги обедини граѓаните кои веруваат во модел на управување заснован на правда, меритократија, одговорност и транспарентност.

Таа посочи дека иницијативата има за цел да им обезбеди на граѓаните институционална рамка преку која ќе можат да бараат промени.

Студентката нагласи дека секое ветување дадено од оваа нова политичка сила ќе биде проследено со мерливи цели, јасно дефинирани одговорности, процени на трошоците и рокови, при што резултатите ќе бидат јавно достапни.

Покрај студентите, во иницијативата се вклучени и професори, како и поединци со искуство во различни професионални области.

Во меѓувреме, почна и собирањето потписи за основање на политичко движење.

Претставниците на движењето Обединети за Албанија најавија дека во наредните денови ќе одржат средби со граѓаните во градовите и селата, при што ќе ја претстават иницијативата и ќе ги собираат потребните потписи.

Исто така, најавија и идни јавни настапи, на кои ќе споделат повеќе детали за самата организација и за следните чекори.