Во Охрид состанок на Процесот Брдо-Бриони

Објавено:

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид ќе биде домаќин на состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, чии коорганизатори се претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар, и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.

На регионалниот состанок ќе учествуваат претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, претседателката на Косово, Јустина Широка-Пула, вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, како и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Процесот Брдо – Бриони е регионална иницијатива воспоставена во 2013 година од страна на претседателите на Словенија и Хрватска, со цел забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, зајакнување на регионалната соработка и стабилноста. Покрај Македонија, Словенија и Хрватска, во Процесот Брдо – Бриони учествуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.

По состанокот, предвидена е заедничка прес-конференција на претседателката Сиљановска-Давкова и претседателите Пирц Мусар и Милановиќ.

Синоќа во организација на Сиљановска-Давкова е одржана неформална вечера.

Во Охрид и Струга засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај

Како што информираат од СВР – Охрид, мерките опфаќаат физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците, објектите и локациите предвидени со протоколот за посетата.

Полициските станици за безбедност во патниот сообраќај во Охрид и Струга спроведуваат мерки за обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот на трасите по кои ќе се движат возилата под придружба. Посебно внимание е посветено на булеварот „Туристичка“ во Охрид, дел од автопатот Охрид-Кичево, централното градско подрачје во Струга, регионалниот пат Струга-Дебар, како и на други улици и сообраќајници каде што нема да биде дозволено запирање и паркирање моторни возила.

На тие локации се предвидени краткотрајни застои во сообраќајот, што ќе траат до поминувањето на возилата со кои ќе се превезуваат учесниците на средбата.

Од СВР – Охрид информираат дека за безбедно и непречено спроведување на активностите е воспоставена координација со локалните самоуправи, правните субјекти задолжени за одржување на патиштата и улиците, фондовите за комунални дејности, сообраќај и улици во општините Охрид и Струга, јавните претпријатија и други надлежни институции.

Од полицијата апелираат до возачите да ги почитуваат насоките на полициските службеници на терен и своите возила да ги користат само во неопходни случаи во периодот на спроведување на мерките, со цел непречено одвивање на сообраќајот и безбедност на сите учесници.